Без успех заврши првиот обид за надминување на засега непремостливата пречка меѓу Владата и Синдикатот за образование наука и култура, кој претходно не го прифати владиниот предлог за зголемување на платите на просветарите за 10 проценти од април наредната година. Сепак, ниту една од двете страни не крева раце и се надева на договор на наредната средба што би се одржала до крајот на оваа недела.

Синдикалците остануваат на барањето за зголемување на платите за повеќе од 10 проценти веќе од јануари, а доколку тоа не се случи започнуваат генерален штрајк на 11 ноември, каде што ќе се достават дополнителни барања во однос на исплата на регрес за годишен одмор, трошоци поврзани со превоз на работниците до работно место и назад, исплата на прекувремени наставни часови, соодветна исплата на работа во комбинирани паралелки итн. Исто така, од особена важност според СОНК е потпишување колективен договор за високо образование и наука до почетокот на наредната година.

Од Синдикатот вчера не сакаа да ги откријат своите позиции, иако пред предупредувачкиот протест на првиот училиштен ден излегоа со прецизно барање за зголемување на платите од 25 отсто. Сега не е јасно за колку се пазарат. Намалиле ли осетно во своите барања или без усул останале близу до поставениот плафон.

„За жал, лоша вест е што во текот на денешните преговори не најдовме заемно прифатливо решение, што не треба да нè обесхрабри. До крајот на оваа недела ќе имаме повторно работна средба каде ќе се обидеме да ги приближиме ставовите околу спорните прашања. Спорни се два момента. Прво е спорен моментот на зголемување на платите кој ние бараме да биде поголем од 10 отсто, второ спорен е почетокот на имплементирање на зголемувањето 1на платите, а тоа беше наше барање, 1 јануари 2020 година“, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Од Министерството велат дека ќе се преговара до последната минута.

„Нема зијан од дијалог, заслужуваат поголема плата, но треба да се направат анализи до каде можеме, а и СОНК треба да размисли. Разгледани се повеќе опции, повеќе можности и алтернативи за кои ни треба дополнително време да ги разгледаме од наша страна. До крајот на неделата сигурно повторно ќе имаме работен состанок“, рече министерот Арбер Адеми додавајќи дека според новиот закон за наставници и стручни соработници во основно и средно образование првпат се предвидува професионален кариерен развој и оти при секое унапредување има поголема плата од тоа што е сега предвидено.

Во последниве две години платите на наставниците и професорите беа зголемени два пати за по пет проценти. И премиерот Зоран Заев очекува преку дијалог да се најде решение за барањата на вработените во образованието, за да нема штрајк.

„Верувам дека ќе се најде решение, треба да имаат разбирање. Ќе напоменам, ние како Влада, двапати ги зголемивме платите. Во 2018 за 5 отсто, во октомври 2019 уште 5 отсто. Понудивме решение за мартовската плата кое ќе се исплати во април и тоа е сериозно решение. Сите сакаме, ако го можеме тоа, до 100, до 200 отсто зголемување, но капацитетите мора да бидат разбирливи за сите“, изјави Заев, чија влада во предизборниот период е под притисок од разни општествени групи кои сметаат дека ова се нивните „пет минути“.

И од Независниот синдикат на Клинички центар најавија протести доколку не се исполни ветувањето за плата од 100 илјади денари за специјалистите. Прилично шокантно изгледаше изјавата на Горан Беговиќ, претседател на Синдикат на скопските клиники, дека ќе ја поддржат владејачката партија доколку ги исполни ветувањата дадени на претходните избори, за потоа да ја повлече велејќи дека нема да се пазари со гласовите на лекарите.

„Се трудиме да постигнеме 100 илјади денари, прилично амбициозна работа е од помалку од 40 илјади денари да стигнете до 100 илјади за специјалистите, затоа што веднаш ги отвораат спиралите на другите плати“, изјави вчера премиерот.

Кога се планира покачување на платите на специјалистите, според него, веднаш мора да се планира истото за медицинските сестри, болничкиот персонал, бидејќи тие работат тимски.

„Дај Боже државата да има повеќе пари. Со огромни ресурси, резерви кои благодарение на транспарентните постапки се остварени во здравството и во сите други области на работење и живеење, можеме да кажеме дека обезбедуваме доволно ресурси за нивна нивелација“, изјави Заев, кој одговарајќи на новинарски прашања разочарано констатираше дека доаѓаат избори и модерно е да се протестира.

„Ќе протестираме, ќе се закануваме, но сите сме граѓани на оваа земја и треба да бидеме разумни. За две години и пет месеци навистина имавме сериозно покачување прво на сите плати во државата, не само на јавната администрација. Како влада со лева ориентација веруваме во човечкиот капитал во нашето општество и вложуваме сериозно во него наместо во непродуктивни работи што сме ги гледале во минатото и му предлагаме на синдикатот да ги продолжи разговорите со министерот и со директорот на фондот. Секако, ќе се изнајдат ресурси за да биде повисоко нивното задоволство како здравствени работници“, рече Заев.