Тринеделниот зимскиот распуст ќе биде во редовниот период, согласно календарот на МОН, нема потреба од негово поместување зашто состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна.
Министерката за образование на наука Мила Царовска изјави дека доколку состојбата драстично се промени поради ризикот со омикрон и ако во други сектори се донесат други, како што рече, драстични мерки за ограничување, МОН тогаш има одговорност да ги разгледа тие факти и аргументи и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесе одлуки што ќе бидат во интерес на учениците и на заштита на јавното здравје.
Во изјава за медиумите Царовска истакна дека наставата со физичко присуство, која се спроведува од септември како најпосакувано од трите подготвени сценарија, покажува одлични резултати.
– Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министерството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. МОН дневно од сите училишта собира податоци и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти. Вкупно, во еден момент, активни случаи со КОВИД-19 кај ученици со физичко присуство во училиштата никогаш не надмина 0,3 проценти. Ова укажува на стабилност на состојбата и дека највисок интерес на децата во моментот е да бидат во училиште, додаде министерката Царовска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Факултетот за земјоделски науки и храна.