Здружението на лекари специјализанти – ЗЛС го поздравува најавеното линеарно покачување на 5% за сите здравствени работници и соработници за март 2024 година и верува дека ваквиот тренд мора да перзистира.
„Воедно, потсетуваме и бараме да не се заборави значајна група од над 300 лекари – приватни специјализанти кои секојдневно работат рамо до рамо со нивните колеги за само 26 000 денари, односно нешто над минималната плата. Акцентираме дека ниедно покачување до сега не ја опфати оваа група на лекари кои сеуште немаат ниту пензиско осигурување и сите најави за трансформација на нивниот работен однос пропаднаа, со што оваа група на лекари беше повторно изиграна од Министерството за здравство.
Бараме итно покачување на надоместокот на приватните специјализанти согласно просечната плата во РСМ во износ на 39 998 денари и трајно решавање на статусот на вработување на овие лекари согласно многубројните ветувања до сега. Се надеваме на брз одговор од Министерството за Здравство на оваа тема.
Во прилог ја пренесуваме во целост реакцијата која стигна до ЗЛС од приватните специјализанти, велат од ЗЛС и го споделуваат дописот:
“Почитувани,
Со овој допис ви се обраќам во името на приватните специјализанти. Притоа бараме од Вас како здружение на приватни специјализанти да не поддржите во нашите барања и истите да ги проследите до Министерот за здравство и одговорните институции. Исто така сакаме да оствариме средба со министерот за да разговараме за нашите барања и да најдеме заеднички договор. Како приватни специјализанти кои редовно ги обавуваме своите обврски на клиниките од Клиничкиот Центар, сме видно разочарани од третманот на Министерството за здравство. Приватните специјализанти се столбот на здравствениот систем, придонесувајќи значително за грижата за пациентите и медицинските услуги.
Месечниот надоместок кој го добиваме како специјализанти од 26000 денари, кој има за цел да ја признае нашата стручност и посветеност, не може да ги покрие дури ни основните животни трошоци, бидејќи не задоволува ни половина од потрошувачката кошничка во државава. Тоа значи дека нашиот живот е сведен на минимум, притоа сме оставени и без соодветно здравствено осигурување. Во изминатиов период неколку пати се зголемија платите на здравствениот персонал, повторно е најавено зголемување на платите од месец Март, а ние приватните специјализанти сме постојано исклучени од покачувањата на платите на здравствениот персонал. И ние приватните специјализанти сме составен дел од здравствениот систем, но со третманот кој го добиваме се чувствуваме исклучени од истиот.
Во моментов во Клинички Центар Мајка Тереза има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти.
Ја изразуваме нашата загриженост и бараме итно покачување на платите и решавање на нашиот статус. Во моментов се водиме како невработени лица, со договор на дело, без ни еден ден стаж во тек на 6 години специјализација. Бараме плата која ќе биде на ниво на доктор по општа медицина во ЈЗУ Клинички Центар. Бараме од Вас веднаш да пристапите кон решавање на нашиот статус и покачување на платите или во спротивно ќе бидеме приморани сите приватни специјализанти да престанеме со извршување на било какви обврски на соодветните Клиники”.