Стресот од пандемијата со Ковид-19 остава траги врз развојот на децата. Зголемен е бројот на дечиња на возраст од 4 до 4,5 години кои имаат проблеми со говорот. Тие развиваат пелтечење, вели логопед-дефектологот Даниела Петреска при амбулантата во прилепскиот Здравствен дом. Таа обајснува дека ваквата појава се должи на некоја стресна ситуација во домот која се случила како резултат на пандемијата со Ковид-19.
-Пандемијата си го направи своето во сите сфери на живеењето. Децата не останаа неодминати. Имаме ситуација, кај поголемите дечиња, на 4 до 4 и пол години. Тие развија пелтечење. Тоа се нарекуваат проблеми во флуентноста на говорот. Тоа го припишуваме на некоја стресна ситуација во домот поради пандемијата. Бројот на дечињата со такви проблеми е зголемен. Во време на пандемијата не се работеше еден период, потоа работевме селектирано, предност имаа дечињата кои од септември тргнуваа на училиште. И сѐ уште е голем бројот на децата кои чекаат третман, појаснува Петреска.
Ако на ова се додаде проблемот што последниве години тлее, за решение треба да се зафатат не само родителите, туку и институциите. Стручњаците му дадода нов назив – „екранизација“. Родителите несвесно си го купуваат мирот со мобилните, таблетите, телевизорите. Тоа е проблем за да се развие говорот, но и за сензитивно-емотивниот развој на децата.
-Последниве години и последниов период, проблемот со говорот кај децата е доста зголемен. Имаме голем број дечиња кои имаат проблеми во говорно-јазичниот развој. Има неразвиен говор, проблеми во социоемоционалните односи. Родителите се јавуваат за проблемите на многу порана возраст кај нивните деца. Веќе имаме дечиња и на двегтодишна возраст. Родителот забележува дека детето не говори, не се одзива на името. Најголемите причини, неофицијално, но од наша страна забележано, се во проблемот со „екранизацијата“ на дечињата, додава логопедот.
Поимот „екранизација“ значи неповолно дејствување во развојот на мозокот од мобилните телефони, таблетите, телевизорите и другите уреди. Родителите, како што посочува Петреска, за да си го купат својот мир, несвесно, му го нудат телефонот на своето дете уште од најрана возраст. Таа им порачува на родителите да им посветат повеќе внимание на своите деца, ама и прво да ги научат на мајчиниот јазик. На родителите им треба и едукација, а и институциите да обратат поголемо внимание на проблемот што се таложи.