Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со четвртокот, вакцинирани се вкупно 767.652 граѓани. Прва доза вакцина во средата и во четвртокот примиле 3.407 граѓани, а вкупно се вакцинирале 22.581 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.435.392 дози вакцини, а ревакцинирани се 667.739 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од Министерството.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера уште еднаш апелираше граѓаните да се вакцинираат, бидејќи опфатот е се уште мал. Тој забележа дека по секое воведување на нова мерка, интересот за имунизација расте, но потоа, по извесно време, се намалува.

– Изминативе неколку дена ист е бројот на новодијагностицирани, 500 до 600. Тешко е да се каже дали оваа бројка ќе бележи пад. Вакцинацијата добро се спроведува на сите пунктови. Последните денови има намалување на интересот и е околу 2.000. Вкупно се вакцинирани 767.000 граѓани. Вирусот се шири и има тешка форма меѓу невакцинираните, над 90 отсто од сите починати се невакцинирани и од вкупнодијагностицираните 30.000 граѓани од 6 до 16 септември 21 процент се вакцинирани. Апелирам граѓаните да се вакцнириаат, се уште е мал опфатот. Потребен е многу поголем процент за да постигнеме целосен имунитет и да се смени сликата со пандемијата, рече Филипче.