Важноста на траење на сертификатот за прележаност на Ковид-19 ќе биде прашањето на кое ќе се зборува на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести каде членовите ќе дискутираат за проширување на важноста на документот. Во многу држави сертификатот се признава од најмалку 4 месеци па до 270 дена.

– Покрај повеќето прашања на утрешниот состанок, да и тоа е една од точките на утрешниот состанок. Ќе дискутираме дали може да има измени во времетраењето на сертификатот за прележаност, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.

Освен за сертификатите, членовите на Комисијата ќе дискутираат и за големата смртност кај лица кои се целосно имунизирани.

– Ќе дискутираме за методологијата за пресметување на морталитетот и секако она што го има во дневните извештаи за смртноста, каква вакцина примиле починатите, а каква имунизирани, колку се со две дози, колку со бустер, колку време поминало од имунизацијата, вели д-р Мехмедовиќ.

На дневен ред е и актуелната епидемиолошка состојба во земјата, а на денешната координација на министерот со надлежните од ковид центрите е констатирано дека слободни места за хоспитализација има.