Новата варијанта на коронавирусот БA.2.86, која има голем број мутации, досега се појави во четири земји – САД, Велика Британија, Данска и Израел. Научниците се во состојба на готовност, истражувајќи до каде е раширена новата варијанта и како таа реагира на антителата.
Новата варијанта на коронавирусот, наречена „пирол“ на социјалните мрежи, има повеќе од 30 мутации во споредба со најблиската претходна форма, БА.2, подваријанта на сојот омикрон, објасни д-р Џеси Блум, виролог во „Фред Хачинсон“ во Сиетл.
Светската здравствена организација во четвртокот го означи БA.2.86 како „варијанта под надзор“, што значи дека земјите треба да ги следат и пријават сите мутации што ќе ги откријат. Варијантите под надзор кои предизвикуваат потешка клиничка слика или не реагираат на постојните вакцини и третмани може да се стават на листата „варијанти од интерес“ или „варијанти на загриженост“, која сè уште е празна.
Новата варијанта досега се појави во четири земји. Прво беше откриена во неделата од научници во Израел, по што Данска пријави три случаи, а САД и Обединетото Кралство пријавија по два случаи. Трите случаи во Данска се откриени кај луѓе во различни делови на земјата, кои се чини дека немале контакт меѓу себе, соопшти данскиот Институт за серуми.
Сепак, данските научници нагласија дека се уште е рано да се зборува за можната зголемена заразност на новата варијанта на коронавирусот, наведувајќи дека допрва треба да вршат тестови на човечки антитела.
Поголем оптимист е директорката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, Менди Коен, која изјави дека новата варијанта не треба да биде причина за тревога.
„Поподготвени сме од кога било да откриеме и да одговориме на промените во коронавирусот“, рече Коен за Си-Ен-Ен, истакнувајќи дека научниците следат нова варијанта чии мутации ја прават различна од другите што моментално циркулираат.