Строгите здравствени мерки спроведени од Кина го одложија ширењето на коронавирусот за два до три дена во земјата, или за две до три недели во странство, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
„Стратешкиот и тактичен пристап што Кина сега го презема е вистинскиот“, изјави директорот за управување со вонредни состојби на СЗО , Мајк Рајан, на прес конференцијата, прашан за карантинот и здравствениот надзор во Кина.
Рајан го оцени третманот на јапонските власти со крстосувачот „ Diamond Princess “ на кој се шири вирусот додека бродот е изолиран при пристигнувањето на пристаништето во Јокохама.
„Несреќен развој на настаните се случи на тој брод“, рече Рајан.
Тој истакна дека бродовите и хотелите се познати како добра подлога за ширење на вирусот и заклучи дека би било важно да се научат лекциите од случајот. На овој брод има и тројца македонски државјани , од кои едниот е позитивен на коронавирусот.