Комитетот на Светската здравствена организација за вонредни прашања едногласно оцени дека не е време да се „олабави одбраната“ во однос на пандемијата на Ковид-19, иако се поголем број земји ги укинаа сите или дел од здравствените ограничувања воведени за борба против вирусот.

– Ова не е време за намалување на одбраната од вирусот, не треба да се откажеме од надзорот, тестовите и пријавувањето, не треба да ги ублажуваме социјалните и здравствените мерки и не треба да се откажеме од вакцинацијата, рече претседателот на Комитетот за вонредни состојби на СЗО Дидие Усин.

Претседателот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека добрата вест е што во светот минатата недела е регистриран најмал број на смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Сепак, тој нагласи дека некои земји сè уште минуваат низ врвовите на инфекцијата што врши притисок врз нивниот болнички систем.

Според најновиот неделен извештај на СЗО за епидемиолошката состојба, објавен вчера, бројот на заболени од Ковид продолжува да опаѓа трета последователна недела, за 24 отсто од 4 до 10 април во споредба со претходната недела. Бројот на починати, исто така, падна за 18 отсто во однос на претходната недела.