Светот никогаш не бил во подобра позиција да стави крај на пандемијата на Ковид-19, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус и ги повика земјите да истраат во борбата против вирусот од кој починаа повеќе од шест милиони луѓе.
– Сè уште не сме таму, но крајот е на повидок, рече Тедрос на виртуелна прес-конференција.
Бројот на смртни случаи од Ковид-19 минатата недела беше најмал од март 2020 година, објави СЗО. Претставникот на СЗО, Марија Керхове, рече дека се уште се очекуваат бранови на Ковид-19, но дека светот има свои начини на борба, како што се вакцини и антивирусни лекови за спречување сериозни состојби кај пациентите, пренесуваат македонските медиуми.
Се намалува и бројот на заболени од мајмунски сипаници, но шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус повика на будност и продолжување на борбата против болеста.