За министерот за здравство Арбен Таравари проширувањето на позитивната листа на лекови не доцни, парите не се проблем, се работи само за процедура кој наскоро ќе се спроведе за да се избере нов Управен однор на Фондот за здравство. Новиот директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски за позитивната листа кажа дека точно ќе се знае за десетина дена, бидејќи тие се само 15 дена во функција ,а за поцитивната листа треба да се направи детална анализа. Министерот Таравари изрази задоволство што заедно со Владата е најдено решение за да се вработат 647 специјализанти. Како што објасни вработувањето ќе биде во две етапи, така што 300 специјализати ќе се вработат до крајот на годинава, а останатите во идната 2025 година.
По конституирањето на новиот Управен одбор на Фондот за здравствено осигурување, ќе се донесе и одлуката со која што се прошири позитивната листа за девет нови лекови. Министерот за здравство Арбен Таравари го најави проширувањето на листата веднаш, штом седна во министерската фотеља и посочи дека тоа ќе се случи за околку две недели, но помина првиот термин. За Таравари проширувањето доцни, но парите не се проблем, се работи само за процедура кој наскоро ќе се спроведе.
-Само чекаме да се избере новиот Управен одбор. На првата седница на Управниот одбор на Фондот, позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на ФЗОМ. Деветте предложени лекови не се спорни и тие нема да имаат голема финансиска импликација врз буџетот. Со ова, после 15 години ќе биде проширена позитивната листа за првпат, а до крајот на годината се надевам ќе ја прошириме и за уште неколку лекови, кажа министерот Таравари при денешната посета на Клиниката за детски болести по повод промоција на нова апаратура и реновирање на невролошката амбуланта.
Како што веќе кажа Таравари за првата корекција на оваа листа до Фондот се предложени девет генерички лекови за хипертензија, срцева слабост, превенција на артеротромбоза, Алцхајмерова болест, депресија и растројства. На оваа листа е ставен и еден нутриенс за туморска кахексија, кој веќе е на болничката листа на лекови.
Новиот директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски за позитивната листа кажа дека точно ќе се знае за десетина дена. Според него во моментот не е прашање дали има пари или нема пари за девет лекови.
-Ние правиме комплетна анализа, само 15 дена сме во функција.Она што министерката за финансии го истакна е дека во буџетот постојат многу дупки кои ние допрва ги востануваме- кажа Клековски и дополни дека во моментот се прави проценка колкави се дупките во повеќе подрачја за заедно со ребалансот, со новите средства, да се направи проценка кои се здравствени потреби можат да се задоволат до крајот на годината.
Министерот Таравари изрази задоволство што заедно со Владата е најдено решение за да се вработат 647 специјализанти. Како што објасни вработувањето ќе биде во две етапи, така што 300 специјализати ќе се вработат до крајот на годинава, а останатите во идната 2025 година.
– Приоритет ми беа специјализантите и многу сум среќен што успеав во првиот месец да најдам решение. На седница на Влада помина одлуката од вкупно 647 специјализанти, а првите 300 да бидат вработени годинава, вели Таравари и дополни дека ќе има критериуми според кои што точно ќе се распоредат во оние јавни здравствени установи каде има потреба.
Како што посочи Таравари, Министерството за финансии се задолжува до декември 2024 година да обезбеди дополнителни финансиски средства во износ од 38.000.000 денари за вработување на 300 приватни специјализанти.
Приватните специјализанти изминатиот период постојано бараа подобри услови за работи и повисоки примања. Тие организираа неколку протести, а во април годинава стапија и во генерален штрајк. Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.
Во земјава работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26.000 денари, а едно од нивните барања беше тој да се покачи на 40.000 денари.
Во текот на денешниот ден приватните специјализанти на оваа тема имаат средба со министерот Таравари. Тие треба да го прецизираат начинот на кој ќе се реализираат вработувањата.
-Треба да знаеме кој е критериумот за првата група на вработувања, што ќе биде со оние колеги кои нема да бидат опфатени во првата етапа на вработување итн. Вработувањето како точка беше едно од нашите барања, но мора да видиме како ќе се одвиваат тие вработувања, на кој начин, што со оние колеги кои нема да бидат опфатени со вработувањето, дали нив ќе им бидат покачени платите – укажува Христина Илиоска -Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.
Министерот Таравари најави дека во меѓувреме ќе се залага да се најде решение и за средномедицинскиот персонал што работи подолго време, а немаат решение за работа.Таравари посочи дека ќе се обиде да го менаџира ова вработување во склоп на на постојниот буџет.