Министерот за здравство, Арбен Таравари, по посетата на Клиничката болница во Штип говореше за можните решенија за недостигот на кадар во болницата, како и за изградбата на нова клиничка болница во Штип.
– Клиничката болница на Штип е од особено значење за Министерството за здравство и за Владата. Заинтересирани сме за многу болници, особено за клиничката болница во Штип. Денеска со директорот зборувавме што недостасува од кадар, доктори, од апаратура… Зградата, за жал, воопшто не е сменета од 2017 година кога првпат бев министер. Се надевам дека големиот дефицит на кадар, особено на доктори, ќе го надоместиме со приватните специјализанти. Одредени доктори покажуваат интерес, се надевам дека повеќе од 10 ќе ангажираме во Штип – изјави Таравари.
Министерот говореше и за вработените со договор на дело.
– За жал, 2.500 луѓе се ангажирани, средно медицински кадар, договорци. На повеќе од 1.000 ќе им дадеме решенија до крајот на годината, а со тоа ќе отвориме можност за нови договори оти навистина има дефицит. Има недостиг на доктори, да, но има дефицит и на среден медицински кадар, болничари, хигиеничари и на медицински сестри – објасни министерот.
Тетово и Штип се особено важни за Владата и за Министерството за здравство, вели министерот, бидејќи штипјани се повеќе од 300.000 жители. Таравари изрази надеж дека идната година ќе почне изградбата на нова клиничка болница во Штип.
Таравари извести и дека во Клиничката болница во Штип има нов апарат, вреден 200.000 евра.
– Денес имаме нов апарат од Министерството за здравство, вреден 200.000 евра. Ендоскоп и лапараскоп, исто така и цистоуретроскоп, што се користат и за дигестивна хирургија и за урологија. Апаратот се користи и докторите се задоволни од користењето на апаратот – додаде министерот за здравство.