Јавно – приватното партнерство во здравството, со државните болници е катастрофален чекор на власта и министерот за здравство, вели Арбен Таравари поранешен министер за здравство. Тој рече дека актуелниот министер треба да седне и да состави стратегија за развој на здравството и спречување на одливот на лекари и медицински кадар. Според Таравари, во 2016 од земјава заминале 170 лекари, а во 2018 овој број пораснал на 250.
Промашување е бидејќи ова е социјална држава. Овде 90 од пациентите доаѓаат и не се подготвени да платат партиципација од 10. Ако се оди со јавно-приватно партнерство тоа ќе значи секоја болница да ја поседува државата и по еден сопственик. Тогаш ќе се сменат и условите, и како што рече министерот, ќе можат да се лекуваат само тие со длабок џеб, што е лапсус од негова страна и верувам дека не мисли така, изјави Арбен Таравари – поранешен министер за здравство.
Но, министерот за здравство, Венко Филипче вели дека моделот на јавно – приватно партнерство е иднината на здравството. Тој додаде дека тие како министерство ќе направат се да ги зголемат инвестициите во здравствениот систем и квалитетот на здравствените услуги.
Орхан Рамадани, заменик директор на Фондот за здравствено осигурување, рече дека од 1 јануари 2014 до 31 декември 2018, Фондот исплатил околу 2 милиона евра за над 100 лекувања на деца за кардио хируршки интервенции, кои отишле надвор од земјава. Тој рече дека ваквите хируршки зафати што се вршат во приватни болници ќе продолжи да ги покрива Фондот.
Средствата што Фондот ќе продолжи да ги обезбедува за овие здравствени услуги ќе бидат на исто ниво, односно буџет од 65 милиони денари што го имаме издвоено за здравствени услуги кај Жан Митрев и кардиохируршки зафати кај новороденчиња деца и до 18 години. Во суштина, тоа претставува просек од државниот буџет што до сега го обезбедувавме за кардиохируршки зафати кај децата во рамки на Универзитетската клиника за детски болести, изјави Орхан Рамадани – заменик директор на ФЗО
Доктор Владимир Чадиковски вели дека ниедно дете со кардиоваскуларни болести нема потреба да се праќа надвор од земјава на лекување. Два месеца од почетокот на проектот за јавно-приватно партнерство на Клиниката Жан Митрев се извршени над 10 кардиохируршки интервенции.