Дебора Џамбази од Кичево, Маја Паневска од Свети Николе и Елизабета Динева од Гевгелија се трите родилки кои годинава починале по породувањето, а за кои семејствата се сомневаат на лекарски грешки. На сите три ова им било прво породување. 31 годишната Џамбази го изгуби животот за време на царски рез во приватна болница, Паневска почина во штипската болница а Динева ја изгуби битката за живот на КАРИЛ а била породена во гевгелиската болница. За нејзиниот случај Обвинителството се уште не отворил предистражна постапка бидејќи го чекале извештајот од надлежните институции кои треба да утврдат дали постои сомневање за кривично дело. Во истата болница пред околу три години, за време на царскиот рез почина и Маја Кадиева заедно со нејзиното новороденче. Се уште се чека на судскиот епилог за овој случај. Од семејството на Кадиева се огорчени што се повторуваат овие случаи и бараат конечно одговорните да одговараат.
Во очекување е и обдукцискиот извештај за родилката која пред еден месец почина на гинеколошкото одделение во Штип. Дури наредната недела ќе биде познат епилогот и од Судска медицина и од комисијата формирана од Министерството за здравство.
Засега Јавното обвинителство води постапка само за родилката од Кичево која во февруари почина во болницата Санте Плус за која обдукцијата покажа дека се задушила поради погрешно поставен тубус. Освен за мајката истрагата ја прошириле и за евентуална одговорност за бебето, кое со месеци беше на Детска клиника а било носено и на лекување во Турција.
Во меѓувреме, стручните комисии кои ги формираат здравствените власти, речиси никогаш не најдоа лекарска грешка.