Вчера бројот на позитивни ученици во училиштата е 0,01, што значи дека се помалку новозаразени во споредба со понеделникот. Досега немаме индикација дека наставниот модел треба да се менува, но во моментот кога ќе добиеме индикација за промена на моделот ние сме спремни така да постапиме, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
– Епидемиолозите следат, Комисијата за заразни болести следи, информациите ги добиваат и тие, како што ги добива МОН, и тие дејствуваат врз основа на општина, регион, училиште. Упатувам на тоа дека во училиште се 240 илјади ученици, а вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01, што е навистина многу низок процент. Очекувам дека ќе успееме да се одржиме во ниски проценти, затоа што највисок интерес на учениците е да бидат во училница, нагласи Царовска.
Апелираше до директорите, наставниците, родителите да ги почитуваме протоколите, да ги заштитиме своите деца, да им обезбедиме и право на учење кое е основно детско право. Во однос на укажувањата од Народниот правобранител, Царовска посочи дека протоколите, како и планот за работа и трите сценарија се усвоени на владина седница во координација со Комисијата за заразни болести, уште во јули.
Царовска, одговарајќи на новинарско прашање информираше дека процентот на вакцинирани наставници е висок и изнесува над 74 процнети.
-Мислам дека до крајот на месецот ќе постигнеме и едно соодветно ниво како што велат здравствените власти за колективен имунитет кај наставниците и тоа е речиси два пати повисок број од националниот стандард и ме радува тоа бидејќи тоа покажува висока свесност кај наставниците за потребата од континуитет во настава, заклучи Царовска.