Утрово важеше бесплатниот јавен превоз. Во меѓувреме ветрот го исчисти воздухот во Скопје и мерките за загадување престанаа да важат. Тие беа на сила само еден ден, па дел од граѓаните кои тргнаа на работа со автобус, на враќање дома ќе мора да си платат карта бидејќи во меѓувреме власта се предмисли и ги запре мерките.
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, призна дека мерките за бесплатен јавен превоз и поскап паркинг, не го редуцирале сообраќајот. Вината за укинувањето на мерките ја префрли кај министерството за животна средина. Оттаму, пак, заменикот министер, Јани Макрадули, некако нема слух за проблемите со кои се соочува целата јавност во однос на аерозагадувањето – реагираат граѓаните по социјалните мрежи.
“За мерките за аерозагадувањето надлежно е Министерството за животна средина, а за жал не успеваме да го дестимулираме автомобилскиот сообраќај и ќе треба да поработиме на тие навики кај луѓето“ – изјави Шилегов.
Од ЈСП Скопје велат дека не располагаат со точен број на патници кои ја искористиле можноста за бесплатен јавен превоз. Oд увидот на терен, бројката на превезени патници во режимот на бесплатен превоз е незначителна, посочуваат.
Додека граѓаните едвај чекаат да помине зимато и загадениот воздух со неа, власта не го исполнува ветувањето за ваучери за инвертер клими, како замена на печки на огревно дрво. Она што загрижува, за да се стигне до субвенцијата, граѓаните ќе почекаат да помине и оваа зима. А додека Владата одлучува кога ќе стартува проектот, паралелно ќе формира комисија што ќе го следи имплементирањето на еколошката мерка за субвенционирање.
Бесплатен јавен превоз, двојно поскап паркинг и стопирање на градежните работи беа дел од мерките кои ги воведе владата пред некој ден, како заштита од аерозагадувањето. Но ги укина затоа што концентрацијата на отровните ПМ10 честички паднала под 175 микрограми на метар кубен, граница што сами си ја поставија надлежните инситуции. Сепак, сè над 50 микрограми се смета за загаден воздух, но мерките владата ги носи само ако бил воздухот екстремно загаден повеќе од два дена.