Вакцината на Фајзер иако е поефикасна против делта сојот на коронавирусот споредено со онаа на АстраЗенека, сепак заштитата која ја обезбедува се намалува побрзо, се вели во едно од истражувањата на Оксфорд. Британската студија опфати 700.000 испитаници од декември 2020 година до август 2021 година.

Лицето кое добило втора доза на Фајзер пред еден месец, е 90% позаштитено од делта сојот отколку невакцинирано лице, покажа анализата на примероците. Два месеца по примањето на втората доза, разликата се намалува на 85%, а по три месеци на 78%. Вакцината на Астра Зенека, според истражувањето, обезбедува 67% заштита по еден месец, 65% по два месеца и 61% по три месеци. По четири до пет месеци, нивото на заштита обезбедено од Фајзер и Астра Зенека се изедначува, се наведува во студијата, која се уште не поминала рецензија.

– Тие бројки „претставуваат пад“ во ефикасноста на вакцината на Фајзер, објасни Коен Поуелс, еден од авторите на студијата.

Сепак, истражувачите истакнуваат дека, и покрај намалувањето на нивото на заштита, „вкупната ефикасност на двете вакцини останува многу висока“. Тие потенцираат дека истражувачите ја разгледале целокупната заштита од Ковид-19, а не заштитата од потешки форми на болести и хоспитализации, што е важно за „оценување на ефективноста на вакцината“. Студијата е објавена во момент кога некои земји размислуваат за вакцинација со трета доза.