Од денеска почнува зимското сметање на времето, односно стрелките на часовникот во 3 часот по полноќ ќе се поместат еден час поназад.

Владата одлучи да остане досегашниот систем на сметање на времето по направените анализи дали да продолжи летното сметање на времето. Министерството за економија беше задолжено да ги направи сите потребни анализи за да се види дали доколку остане летното сметање на времето би можело да се заштеди струја и топлинска енергија.

– Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 до 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија, информираа од Владата во вторникот.

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.