Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска оствари средба со постојаниот координатор на Обединетите нации, Росана Дуџак и шефот на канцеларијата на Фондот за население на ОН (УНФПА), Афродита Шаља, во чиј фокус беше процесот на креирање нова Стратегија за демографски политики за периодот 2024-2044.
„Државата се соочува со сериозни предизвици поврзани со емиграција, низок наталитет и стареење на населението. Тоа мора да го промениме. Како министер ќе се заложам за усвојување, но и ефикасна имплементација на новиот стратешки документ кој ќе дава прецизни насоки за постапување. Секако, неопходна ќе биде поголема проактивност на институциите на системот и секој учесник во процесот да ги исполни своите обврски“, рече Велковски.
На состанокот тој информираше и за актуелните состојби во ресорот со кој раководи, а изрази и голема благодарност до организациите на Обединетите нации за целата поддршка што досега ја дадоа на институцијата, но и на државата за забрзување на општествено – економскиот развој. Очекува, како што рече, соработката да продолжи и во следниот период особено во насока на подобрување на демографските трендови.