Истрагата за случајот Онкологија привршува, а вештачењето спроведено во Србија ги потврди сомнежите за несоодветно лекување на пациентите, информира Обвинителството.
Како што беше речено на брифинг со новинарите, во тек се и вештачењата во Словенија кои треба да бидат готови до крајот на јануари.
– Со оглед дека кај нас нема вештак онколог, издадовме наредби за вештачења до Србија и Словенија. Во Србија испративме 16 истории и тоа вештачење е завршено, доставено ни е, а другото, во Словенија, каде испративме 51 историја, според прелиминарниот извештај треба да заврши до крајот на јануари. Во моментов можам да потврдам дека нашите сомнежи за несоодветно лекување се потврдени со вештачењето од Србија. Се надеваме дека истрагата ќе трае до 31 јануари кога и би ја затвориле, рече надлежната обвинителка.
Според неа, докази за продажба на цитостатици во Косово не се обезбедени.
– Сепак, се сомневаме дека на некои пациенти терапија не им е воопшто давана, иако била препишувана на нивно име, истакна обвинителката.