Откако во Србија беше детектиран вирусот Кракен, кој инаку е подваријанта на сојот Омикрон, завчера Националниот центар за заразни болести од Бугарија соопшти дека случај на Омикрон варијанта на Ковид-19 – XBB.1.5, односно Кракен е идентификуван во Бугарија.
СЗО ја следи таа варијанта поради нејзиниот потенцијал за забрзано ширење и намалена неутрализација со вакцина и природен имунитет од претходните варијанти на Ковид, соопшти Центарот. Според информациите кои ги пренесоа бугарските медиуми, пациентот е пратен на домашно лекување, јави БТА.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека подваријантата XBB.1.5 е „најпреносливата подваријанта досега откриена“. Лекарите се загрижени дека „Кракен“ ги избегнува постоечките антитела во телото, кои се добиени како резултат на претходни инфекции со коронавирусот.
Колку брзо се пренесува најдобро кажуваат податоците од САД. На крајот на октомври во државата Њујорк била откриена нова подваријанта на омикрон, а до декември повеќе од 40 отсто од случаите на Ковид 19 во таа земја биле предизвикани од сојот XBB.1.5, покажуваат податоците на американските центри за Контрола и превенција на болести.