Вистината на Трнодолци: Пред фактите и боговите молчат, освен градоначалникот на општина Карпош

Вистината за Трнодол. Пред фактите и боговите молчат! Освен градоначалникот на Општина Карпош. Уште еднаш напоменуваме дека остануваме на сите наши барања доставени до Општината, советниците, комисиите за урбанизам, до…

Вистината за Трнодол. Пред фактите и боговите молчат! Освен градоначалникот на Општина Карпош. Уште еднаш напоменуваме дека остануваме на сите наши барања доставени до Општината, советниците, комисиите за урбанизам, до Градот Скопје и до советниците, велат Трнодолци.

-Или со други зборови, бараме било кој предлог ДУП на Општина Карпош да се носи во постапка со почитување на Уставот, законите, правилниците и сите други меѓународни документи кои се ратификувани во нашата држава и со кои се гарантираат основните човекови права и слободи. Повторување на лаги и дезинформации на градоначалникот во изјави дадени од неговиот бункер без храброст да се соочи со вистината на јавна презентација, е реакција на немоќ и немање аргументи базирани на закон. И да потсетиме: согласно член 2 став 2 од Законот за ПУП, ДУП-от кој е предложен и изгласан од советниците на Општината, Општината мора да спроведе во целост инаку се предвидени казнени мерки, лични и институционални, потенцираат Трнодолци и додаваат:

„Значи ветувањата во стилот не верувај во тоа што гледаш туку во тоа што ти ветувам не поминуваат кај слободоумните граѓани на Трнодол. Тоа ние во повеќе наврати јасно го предочивме, а тврдењата дека сме изманипулирани дури од две политички партии е во контекст на претходното сценарио за самоодбрана на градоначалникот. За да поверуваме во ветувањата на градоначалникот треба истите да биде преточено во сосема НОВ ДУП каде нашите несогласувања ќе бидат корегирани согласно законските нормативи за УПП и Заштита на животната средина, од причина што предложениот ДУП е донесен во против правна и против уставна постапка“.

Дел од тие несогласувања трнодолци, ги повторуваат за да потенцираат дека, како што велат, е лага оти е „удоволено“ на нивните барања.

– Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП за поделба на населбата на два дела и спојување на еден дел од населбата кон Шпанско село, а друг дел од населбата (дел од ул.Јан Хус и над Јан Хус) кон населба Жданец и бараме да се изготви нов регулациски план за Трнодол со почитување на целовитоста на населбата и природните зададености на теренот;

– Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП за затворање на влезот и излезот на населбата Трнодол кон улица „Козле“ и проектирање на нов влез и излез, преку долот, позади сервис „Тотоле“, преку едниствената улица „Нерешка“ за влез и излез во населба Жданец;

– Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП со вцртување на новопроектирана сообраќајница – како сервисна улица низ населба „Трнодол“, која е дел од постојната ул.„Трнодол“, преку дел од постојната ул.„Лесновска“ до вкрстувањето со ул.„Презвитер Константин“, делот од ул.„Презвитер Константин“, па се до приклучувањетo на „Јужна обиколница Водно“ и отворање на населбата кон „Шпанско село“ и Козле, бидејќи истото ќе значи зголемување на сообраќајот на моторни возила и градежна машинерија низ самата населба која и така во моментот ги надминува границите на максималниот капацитет.

– Не се согласуваме со решението во новиот предлог ДУП со предвидени градежни парцели за колективно домување под брдото на објекти од 18, 16 и 13 метри висина, помеѓу бензинската на
Макпетрол, Германска амбасада и самото брдо. Во новиот предлог ДУП НЕ е предвидено решение за заштита на земјиштето од лизгање при изградба на овие парцели и НЕ е земен во предвид во 2010 г. направениот елаборат за геомахинички испитувања на земјиштето и заштита на тлото под населбата од лизгање;

– Не се согласуваме што пред изработка на новиот предлог ДУП не е направена хидролошка студија за водотеците при проектирање на решенија за долот и каналот помеѓу Трнодол и Шпанско село кој во дел претставува претставува заштитна поројница и при несоодветни решенија може да дојде до поплавување и поткопување на брдото и дел од населбата Козле;

А листата е многу долга и спремни сме да ја изложиме на било која национална телевизија, поготово во дебатна емисија со градоначалникот, се разбира доколку тој има храброст да се соочи со аргументите!


Related Articles