Власта под притисок купи време за решавање на статусот на „Еурокомпозит“. На работниците уште еднаш им ветија дека ќе добијат по 30.000 денари на своите сметки најдоцна до за една недела.
За неколку месеци, пак, ќе се реализира и процедурата за технолошки вишок на 130 вработени. Тие, овој пат убедени од власта, решија да го прекинат штрајкот пред Владата и одлучија да го напуштат тревникот спроти „белата зграда“ на Илинденска.
Како што рече синдикалниот лидер, вработените по кој знае кој пат остварија средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев кој, како што велат, овој пат, им даде нов предлог.
Работниците пак не веруваат дека нешто ќе се смени. Оставени на милост и немилост, се жалат дека не можат да закрпат крај со крај. Молат Бога владиниот предлог да успее, во спротивно пак ќе се распостелат пред Владата.
Вработените велат дека жално е ваков гигант да тоне во долгови.
Пред да си заминат работниците, нивни педесетина колеги попладнево пристигнаа од Прилеп, како засилување на протестите.
Работниците денеска напладне го блокираа сообраќајот пред Владата, во знак на револт, за како што велат, празните и нереални ветувања. Сега останува отворено прашањето дали Владата ќе остане на својот став.
Инаку, ова е втор собир на вработените во Скопје годинава. Во март Владата вети дека 100 вработени ќе заминат како технолошки вишок и дека за три месеци фирмата ќе се продаде, а за останатите ќе има и плата и работа. Но, од Нова Година досега работниците имаат земено само по околу 20 илјади денари паушално и линеарно.