Со вчерашното изгласување на измените на Законот за минимална плата, станува реалност барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Со тоа, околу 80.000 работници во земјава со мартовската исплата во април ќе земат повисока минимална плата за околу 2.800 денари.
Законските измени добија поддршка од сите пратеници, иако во текот на тридневната дебата можеа да се слушнат различни мислења од пратениците од партиите на власт и од опозиција. За првите, законското решение е добро бидејќи со него се подобрува животниот стандард на околу 80.000 работници кои земаат мининална плата, додека ставот на опозицијата е дека ќе дојде до урамниловка ако се зголеми само минималната, а не и останатите плати.
Од Министерството за труд и социјална политика очекуваат дека зголемувањето на минималната плата позитивно ќе влијае и на останатите плати, а со променетата методологија на усогласување на минималната плата ќе се гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата. Усогласувањето ќе се врши според следните критериуми – 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот, а висината на минималната плата нема да смее да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.
По обелоденувањето на договорот за зголемување на минималната плата реагираа дел од синдикатите укажувајќи дека мора да се зголемат и останатите плати. Конфедерацијата на слободни синдикати остави простор до средината на март да се реши ова прашање, а во спротивно најави радикализирање на идните чекори.
За сабота предупредувачки протест веќе најавија независните синдикати на полицијата и на армијата кои бараат усогласување на платите во однос на новиот закон за минимална плата.
– Очекуваме дека оваа 2022 година после покачувањето на минималната плата од 15.174 денари на 18.000 денари, конечно Министерството за внатрешни работи ќе сфати дека усогласувањето на платата како што е предвидено од постоечките законски регулативи ќе го смета за вработените и со секое покачување на минималната плата ќе има и порамнување на платите. Не бараме ништо повеќе, бараме само почитување на законите кои се однесуваат за платите на вработените во полицијата, изјави вчера претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев.
Доколку нема реакција од институциите по предупредувачкиот протест, од Независниот синдикат на професионални војници најавија дека војниците со шатори ќе протестираат пред Владата.