Во државата има вкупно хоспитализирани околу 1000 пациенти. Најоптоварени и понатаму се болниците во Тетово, Гостивар, делумно во Кичево, Струга и Охрид. Во последните 24 часа здравствените власти регистрираа нови 870 случаи на Ковид-19 од направени 5.844 тестирања. Починаа 37 пациенти, а најмладиот има 22 години. Бројот на активни случаи изнесува 14.249.
Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека здравствениот систем е подготвен и оти има доволно болнички капацитети.
– Обезбедуваме болнички кревети за сите пациенти. Тоа го правиме по системот на ротација. Имено, и тука во Скопје, се отворија дополнителни ковид-центри. Имаме секојдневна консултација со директорите и согласно расположливиот кадар, лекари и медицински сестри, се отвораат овие дополнителни центри, изјави вчера Филипче.
Во однос на возрасната група на пациентите, најзастапени се оние над 60 години, а најмал процент има кај малите деца.
– Има дваесетина деца хоспитализирани во болницата во Козле и тие имаат релативно лесна форма на болеста. Задржани се на болничко лекување, пред сè заради поголемо внимание, рече Филипче.
Од смртните случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Од нив, над 73 проценти имаат хронични заболувања.
– Тоа што се забележува е дека долго се лекуваат надвор од болнички услови и доаѓаат на лекар многу доцна, со лоши параметри, многу ниска сатурација, вели Филипче, додавајќи дека пациентите се лекуваат според протокол и не се точно дека нема протоколи за лекување.
Одлуката на Европската унија да ја стави Македонија на „црвена листа“ на земји во Европа, Филипче ја гледа како одлука која оди во прилог на нашата политика да има што поголем број вакцинирани граѓани.
– Со тие сертификати за вакцинација нема никакви рестрикции – не се бараат ПЦР тестови, не е потребен ниту карантин. Тоа е доказ дека буквално целиот свет оди во тој правец, целосно да се нормализира животот и движењето на луѓето кои се вакцинирани, истакна Филипче, додавајќи дека сите земји во светот се повеќе ќе ставаат акцент исклучиво на вакцината.