На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 358.686 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.299 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.732 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 586.537 дози вакцини, а ревакцинирани се 227.851 граѓани.
Со последните бројки 53 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 484.220 граѓани. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.