Новата студија на невролозите од Универзитетот Сорбона во Париз покажа дека има неколку познати симптоми кои ги погодуваат пациентите со мултипла склероза до пет години пред конечно да бидат дијагностицирани со болеста.

Како што дознаваат невролозите, констипацијата може да биде еден од раните предупредувачки знаци за мултипла склероза. Тие исто така веруваат дека инфекциите на уринарниот тракт, депресијата и сексуалните проблеми може да укажуваат на тоа дека некој несвесно страда од оваа тешка состојба.

“Се разбира, не секој кој ги има овие симптоми ќе развие мултипла склероза. Овие симптоми се вообичаени и можат да бидат знаци на други болести”, вели д-р Селин Луапре.

Сепак, д-р Луапре смета дека ова откритие би можело да биде корисно за оние кои имаат поголем ризик да ја развијат болеста, поточно луѓето со семејна историја на мултипла склероза.

Типични симптоми на автоимуната состојба вклучуваат и отежнато одење, проблеми со видот и вкочанетост, а откриено е дека пациентите со мултипла склероза страдаат од запек, инфекции на мочниот меур, депресија и сексуални проблеми.

Поради непредвидливоста на симптомите, може да поминат години пред пациентите да бидат дијагностицирани со болеста. Не постои лек, но третманите како што се стероидите можат да ја контролираат состојбата и да ги ублажат симптомите.