Паника меѓу родителите откако на социјалните мрежи се појави вест дека во Основното училиште „Лирија“ во Чаир е регистрирано присуство на смртоносна бактерија. За да ги смири родителите, директорката на училиштето, излезе со соопштение на Фејсбук, во кое пишува:

-Во врска со веста која се прошири на социјалните мрежи за присуство на бактерија кај ученик во Основното училиште „Лирија“, децидно негираме дека станува збор за смртоносна бактерија, остро осудувајќи го непотребното ширење паника.

-Ученик од седмо одделение во ОУ „Лирија“, е заразен од бактеријата МРСА. Директорката на училиштето, Теута Идризи, не сакаше да сподели повеќе детали, велејќи дека не е потребно и дека веќе се произнела писмено. Од Општина Чаир велат дека нема потреба за паника, бидејќи веќе се преземени потребните мерки.

 

-Според медицинските извештаи, по извршените прегледи кај детето, се покажа дека станува збор за бактеријата МРСА, обична бактерија, која се елиминира со соодветен медицински третман. Меѓутоа, за секој случај, општина Чаир во соработка со надлежните здравствени институции и раководството на училиштето, ги презема сите неопходни мерки за дезинфекција на училишниот објект-рече Куштрим Ала од Општина Чаир.

Инаку, годинава, со бактеријата МРСА се заразени 4 деца.