Министерството за здравство на Грција упати повик до сите оние кои можат да понудат помош, како што се лекари, медицински сестри, болнички персонал, психолози, студенти, пензионирани здравствени експерти, но и административна, техничка и било каква друга поддршка, да се вклучат во волонтерската програма што има за цел зајакнување на здравствениот систем во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
-Неопходна е поддршка на националниот здравствен систем и на вработените со сите сили што ги поседува секој од нас. Во овој обид никој не е вишок. Здравствениот систем се зајакнува на секој начин, и во однос на човечки ресурси и во однос на медицинска опрема. Со оглед на тоа што пандемијата брзо се развива, неопходно е да се обезбедат здравствени услуги во здравствените структури во нашата земја и од волонтерите, рече заменик – портпаролката на грчката влада Аристотелиа Пелони.