Строгите епидемиолошки критериуми за откажување на јавни собири се однесуваат само на двата карневали во Струмица и Прилеп, како и за спортските натпревари кои треба да се играат без публика. За театарски претстави и други настани на кои нема луѓе од странство, изјави денеска Венко Филипче на пресконференцијата одржана во Владата.
Тој нагласи дека ќе се контролираат аптеките за кои имаат дојава од граѓани дека неоправдано ги зголемиле цените на заштитните маски, средства за дезинфекција и друг медицински материјал.
-Во овој момент нема строга епидемиолошка причина да се откаже било кој друг настан. Одлуката да се спроведе контрола на цените и количините на заштитни маски и материјали дојде по информациите од граѓани дека се драстично зголемени цените. Не е коректно да се прави така и согласно тоа што ќе се констатира на лице место ќе следуваат мерки за тие што го направиле тоа, изјави Филипче.
Министерот уште еднаш повтори дека нема простор за паника, будно се следи состојбата од страна на експертите и во зависност од ситуацијата во секој момент може да се воведе нешто друго.
Во моментов заштитните маски, средства за дезинфекција и заштитни ракавици се се уште дефицитарни по аптеките. Фармацевтите не знаат кога ќе пристигнат нарачаните количини, а потрошувачите по социјалните мрежи се жалат дека цената за една хируршка маска од 4 е зголемена на 15 до 30 денари.