Вработени во Министерството за здравство, но и во некои здравствени установи се повикани итно да се појават на работно место, иако тие досега биле ослободени од одење на работа бидејќи имаат деца помали од 10 години.
Вработени во Министерство за здравство кои не одат на работа затоа што имаат деца помали од 10 години и треба да ги чуваат согласно владината одлука, се повикани задолжително денеска да се појават на работното место. Ако тоа не го сторат ќе се соочат со отказ, како што е пропишано во Закон за работни односи за три дена неоправдано отсуство од работа. Известувањето во петокот им е испратено на маил. Вработените се револтирани од ова барање и денеска бараат средба со министерот за здравство Венко Филипче.
– Ние сме дома затоа што и нашите сопрузи работат во секторот здравство и мора да одат на работа. Од Владата имаше одлука дека ако двајцата родители се во секторите за кои не важи ослободувањето од одење на работа, како здравство и полиција, тогаш едниот сепак треба да остане дома. Не одбиваме да ги извршуваме нашите работни обврски, но тоа може и од дома – велат вработените.
Меѓу нив има и самохрани мајки кои пак воопшто немаат избор околу тоа кој би можел друг да го чува детето кое е помало од 10 години. За нив не може да функционира ни евентуална промена со сопруг, односно две недели едниот да оди на работа, па потоа другиот. Вработените велат дека правната регулатива кај нас забранува мало дете да се остави само и за такво нешто може да се одговара.
– За да го испочитуваме она што се бара од нас, треба да ги оставиме децата сами дома. Тоа е далеку од разумно барање – велат родителите.
Како што неофицијално дознаваме, вработените се толку револтирани од овој потег на одговорните во Министерството за здравство што ако денес не се најде решение за нивниот проблем утре на работа ќе дојдат со децата. Проблем има и во некои други здравствени установи. Матичниот лекар Ненад Лазаров јавно пишуваше дека од неговата сопруга која работи во болницата „8 Септември“ се барало да оди на работа, а и тој како матичен лекар со голем број пациенти мора да оди на работа. Но во овој случај се најде решение со договор, односно сопругата на Лазаров беше ослободена од работни обврски.
Од Министерството за здравство објаснуваат дека согласно насоките од Влада од седници број 16 и 23 вработените лица во Министерство за здравство се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки кои се однесуваат на ослободување од одење на работа. Но останува нејасно како тогаш овие луѓе до сега не доаѓале на работа. Исто така нема објаснување како да постапат вработените кога нема на кого да ги остават своите деца.