На четирите деца со дијабетес мелитус тип 1 од кои две од Охрид, и по едно од Гевгелија и Свети Николе, за првпат им е дијагностицирана болеста по последното влошување на нивната здравствена состојба поврзана со нивната хоспитализација во клиниките во Скопје. Ова го констатирал Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) по извршениот вонреден инспекциски надзор кај матичните доктори на децата.

Од ДСЗИ соопштија дека од првичниот увид во медицинската документација водена за децата, костатирале дека сите посети на децата кај матичените лекари како и посетите во останатите здравствени установи, главно се уредно евидентирани.

Водењето на децата од страна на матичните лекари, како и од страна на здравствените работници во болничките установи, како што се наведува, е согласно упатствата и протоколите за медицина базирана на докази.

Од Клиниката за детски болести, пак, посочуваат дека дијабетес мелитус тип 1 е најчесто автоимуно заболување кое се карактеризира со деструкција на бета клетките на панкреасот, при што доаѓа до комлетен недостаток на инсулин. Една третина од новодијагностицираните деца од дијабетес мелитус тип 1 се примаат во кетоацидозна состојба која бара интензивна терапија. Децата обично пројавуваат симптоми на зголемен внес на течности, зголемено мокрење, зголемен внес на храна, слабеење и стомачни болки, една до четири недели пред да им биде поставена дијгнозата.

Република Македонија спаѓа во земјите со мала/средна инциденца во однос на појавата на дијабетес кај деца. Во последните години постои тренд на зголемување на бројот на заболени, што е во согласност со светските трендови, стои во соопштението на ДСЗИ.