Продолжен викенд од четири дена има и за специјалистите од скопските поликлиники. Одмараат од четврток до понеделник, кога повторно ќе ги отворат ординациите за пациентите.
За висока температура, болка во уво или варирање на крвниот притисок, скопјани во следните четири дена лекарска помош можат да побараат во осумте дежурни пунктови кои се сместени во скопските поликлиники. За викенд или празник во овие установи интернисти, офталмолози и невролози не работат.
Колку овие осум пункта се доволни за голем град, лекарите не сакаат да коментираат. Но работа имаат и кога е празничен период. Дежурните во Ченто само денеска имале над 80 прегледи а толку се евидентирани и во службата во Чаир. Од синоќа до денес напладне над стотина пациенти имало и во Ѓорче Петров.
– Од синоќа до сега имаме 101 преглед, најечсто вирози и проблеми со притисокот, немавме некоја посериозна интервенција. За акутни состојби е Брза Помош, вели др. Зорица Милошевска, дежурна во пунктот во поликлиника Ѓорче Петров.
Околу триесетина пациенти кои побарале лекарска помош во дежурните пунктови биле препратени во ургентните центри за дополнителни дијагностички процедури. Нема зголемен број на јавувања во Брза Помош, но како што велат од оваа служба, најмногу интервенираат кај хронични пациенти.