Владата на Република Македонија во координација со Главниот кризен штаб на седница донесе одлуката со која почнувајќи од 22-ри април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл.
Задолжителното носење заштитна маска, марама или шал за да се покријат устата и носот, ќе биде контролирано од полицијата. На почетокот ќе се даваат само опомени, но потоа и казни, велат од Владата.
– Целта не е да се казнува, туку да се обезбеди што е можно пошироко почитување на мерките, од сите. Ако дојде до изрекување казна, полицијата ќе има обврска да има фотографија со која ќе ја оправда мандатната казна. Целта е да не се даде можност за казни без покритие, посочуваат од Влада.
Оттаму велат дека на овој начин ќе се зајакнат мерките, со цел да не се заоструваат рестрикциите.
Во уредбата со законска сила што треба да ја донесе Министерството за здравство по извесен период оваа обврската треба да важи и за целата територијата на државата.