Колку пати во денот ви се случува да направите мала прошетка до кујната со цел да пронајдете нешто за грицкање? Ако често го правите тоа, значи и вие спаѓате во милионите луѓе низ светот кои уживаат да грицкаат.
И сепак, ако ги запрашате, повеќето од нив ќе го оценат грицкањето како лоша навика. Но, вистината е дека самата навика за грицкање не е штетна ниту за здравјето, ниту за витката линија. За покачувањето на тежината и холестеролот виновна е желбата на луѓето да грицкаат храна која изобилува со масти и калории.
Всушност, повременото грицкање е здраво и полезно за секоја диета. Малата ужина ќе ви помогне да го одржите нивото на енергија, да го намалите чувството на глад и со тоа да го избегнете прејадувањето за време на оброците. Многу подобро е да грицнете нешто пред ручекот, отколку прегладнети да седнете на маса.
Ова се нашите предлози за совладување на гладот и желбата за мезење без тоа да се одрази на вашата линија и вашето здравје.
Јаболко со мед и путер од кикирики. Измешајте еднакво количество мед и путер од кикирики. Исечете едно јаболко на полумесечинки и премачкајте ги со тенок слој од приготвената смеса. Наместо јаболко, можете да употребите оризови колачиња.
Микс од сушено овошје и јаткасти плодови. Измешајте половина чаша сушени кајсии, половина чаша сушени боровинки, половина чаша печени бадеми, половина чаша семки од сончоглед, 1 чаша кикирики или ореви. Ставете ги сите во кеса и протресете ја за да се измешаат. Поделете ги во 10 мали кесички и ќе имате здрава ужина кога и да посакате.
Овошен јогурт. Во чаша јогурт кој содржи мал процент на масти ставете замрзнати или свежи јагоди, боровинки или капинки и малку исечкани бадеми и ореви.
Портокал со шеќер и цимет. Земете еден портокал и исечете го на 4 тенки кругови. Наросете малку цимет или малку шекер и уживајте во засладувањето.
Бејби морковчиња. Изедете 10 бејби моркови и нема да внесете повеќе од 60-70 калории, а додека да ги изгрицкате ќе ви одмине желбата за чипс.
Пуканки. Консумирајте 3 чаши со пуканки кои се правени без масло или една и пол чаша пуканки со масло.
Кикирики. Наполнете две супени лажици со кикирики. Така ќе си определите доза којашто нема да ви донесе повеќе од 100 калории, а ќе биде одлична замена кога ќе сакате да јадете смоки.
Од овие мини ужинки не правете оброк. Никогаш не треба да имате ужина која содржи повеќе од 150 калории, затоа што тоа всушност е мал оброк. Ужината треба да ви помогне да ја одржите енергијата и да го елиминирате чувството на глад до наредниот оброк, а не да ве најаде.