Во Република Македонија во минатата година бројот на живородени деца изнесува 21.754 од кои 59 проценти или 12.841 се во градските подрачја, а 41 процент или 8.913 се во селските подрачја, објави Државниот завод за статистика.
Најголемо учество, во однос на вкупнот број раѓања по региони, има Скопскиот со 35,6 отсто, а најмало Источниот регион со 6,7 отсто. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29,6 години наспроти 28 години во селските подрачја.
Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 28,1 годинa, наспроти 25,6 години во селските подрачја. Податоците покажуваат дека при првото раѓање за 2,5 години е помлада мајката од селските подрачја.
Статистичките податоци покажуваат дека бројот на умрени лица лани во земјава изнесувал 20.318 од кои во градските подрачја 12.426 лица или 61,2 отсто, додека во селските 7.892 умрени лица или 38,8 отсто.
Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73,1 годинa, наспроти 73,2 години во селските.
Бројот на умрените доенчиња во градските подрачја изнесува 102, додека во селските подрачја изнесува 99 доенчиња.
Учеството во природниот прираст кај населението од градските подрачја изнесува 28,9 отсто наспроти 71,1 отсто од селските подрачја.
Негативен прираст има во пет региони и тоа во: Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот и Пелагонискиот.
Податоците за внатрешните миграции, во рамките на истиот регион, покажуваат дека најголемо учество од 35,6 отсто имаат меѓуселските преселби.
Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот регион со 46,2 отсто, додека во Полошкиот регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби, кои учествуваат сo 58,7 отсто.
Салдото на надворешните миграции е најголемо во скопскиот регион, 1.208 лица, а најмало во Североисточниот регион.