Предлог-законот за младински додаток е во собраниска процедура по скратена постапка. Со овој закон се уредуваат остварувањето на правото на младински додаток,  постапката, условите и висината на исплатата на младински додаток на младо лице на возраст до 23 години.

„Целта на Законот за младински додаток е поттикнување на вработување на младите лица за вработување во дејностите  на производството по завршување на средното образование, со што ќе се придонесе за подобрување на нивниот животен стандард со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила.

Предложените законски решенија создаваат правна рамка за исплата на определен износ на младински додаток, кога младо лице до 23 години ќе заснова работен однос во дејностите од производството. Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне економскиот раст на економијата, а со тоа ќе се придонесе за зголемен вкупен економски раст и развој во Република Северна Македонија. Со предлог-законот на системски начин се регулира начинот на добивање младински додаток. Истовремено, начинот на обезбедување на младинскиот додаток е транспарентен, јасен, прецизен, едноставен и единствен за сите кои ги исполнуваат предвидените услови“, се вели во законското образложение.