Додека властите смислат кои и какви ќе бидат мерките за да го спречат ширењето на новиот коронавирус во Македонија, 40-тина патници ќе чекаат во своите домови и ќе бидат интервјуирани од епидемиолози додека не им се појават првите симптоми на настинка. Кои се прецизните мерки кои што ги предвидува министерството за здравство во врска со коронавирусот? Што правиме со сите оние автобуси и патници кои допрва ќе пристигнуваат од земјите како Италија, Франција кои во моментов се најголемите жаришта на коронавирусот? Не ли мислат здравствените власти дека е посоодветно сите вакви патници да бидат задржани на граница и две недели да поминат во карантин без разлика дали покажуваат симптоми на коронавирусот или не? Дали е во ред сите Македонци да бидат изложени и потенцијални заразени само затоа што министерот Филиче нема идеја како да се справи со овој вирус? -посочуваат граѓаните по социјалните мрежи. До кога ваквата несериозност, неподготовеност, но и непосветеност на здравствените власти ќе биде практицирана, а македонскиот народ за сметка на ваквото однесување ќе биде ставен во опасност? – се прашуваат пациентите, загрижените родители и граѓаните со кои стапивме во контакт.
Вечерва од Дебар со специјален транспорт на Инфективната клиника во Скопје ќе бидат донесени заразените со коронавирус сопружници кои се на возраст од 62 и 68 години. Идентификувани се сите 40 патници од автобусот со кои сопружниците допатувале во Македонија од Бреша, Северна Италија и со сите нив во тек се интервјуа со епидемиолози, изјави вечерва министерот за здавство Венко Филипче.
Тој рече дека сопружниците во Македонија допатувале на 26 февруари, дека од автобусот се симнале патници во Куманово, Скопје и во Дебар.
„Сопружниците до 2 март немале никакви симптоми. Тие имале лесни симптоми на грип и откако се јавиле во болницата во Дебар, веднаш бил повикан инфектолог од Гостивар, а тестовите на коронавирус за жал дале позитивни резултати. За време на престојот во Дебар, сопружниците изјавиле дека имaлe контакт само со братот на жената. И со него веќе е направено интервју со епидемиолози, по што ќе се оцени дали треба да се оди со изолација“, изјави Филипче.
Министерот вели дека се регистрирани сите патници, дека се знаат нивните податоци и во тек се интервјуа со сите нив по што ќе се реши какви мерки ќе бидат преземени.
„Согласно препораките и стандардите најголем ризик имаат тие што седат пред и зад патниците, но ќе ги контактираме и прегледаме сите патници, со сите нив ќе бидат направени интервјуа, а потоа ќе се реши како ќе се постапи. Нашиот став е сите да бидат ставени во изолација. Многу е мал ризикот за второлиниско пренесување. На пример, кај првата пациентка кај која беше регистриран коронавирусот, патници од комбето со кое допатувале од Италија, немаат никакви симптоми“, рече Филипче и додаде дека се регистрираат и сите лица со кои патниците од автобусот имале контакт.