Здравствен дом Велес вововедува мобилен сервис од патронажни сестри за давање здравствена услуга во руралните средини, откако денес поминаа обука во организација на Министерство за здравство, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки во соработка со Симулацискиот медицински центар.
Директорот на Здравствен дом Велес Николче Димовски вели дека овој мобилен сервис ќе стартува од утре и ќе функционира во соработка со матичните лекари, од каде ќе земат податоци за пациентите кои подолг временски период не се јавиле на преглед, а живеат во рурални средини кои се тешко достапни. Тој вели дека на денешната обука имало и патронажни сестри од Свети Николе и Штип.
„Веќе воведовме за неколку села посета од рурален доктор. Сега патронажните сестри секојдневно ќе ги посетуваат во нивните домови и ако има потреба да го извесат матичниот лекар или пак да им овозможат здравствена услуга. Имаме обезбедено возило и секојдневно ќе одат на терен, бидејќи во некои села нема ни рурален доктор. Функционирањето на овој сервис ќе го покриваме од наши средства, а потоа ќе преговараме со Фондот за здравствено осигурување да ни го зголеми буџетот“, вели Димoвски.
Овој мобилен сервис за пружање здравствени услуги во оддалечените места се прави по примерот на мобилните сервиси кои Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика преку проект на УНДП веќе ги отворија во Кочани и Ресен, а најавија отворање на ваков сервис и во Битола.
Од Министерството за здравство велат дека подготвуваат стандарди за оперативни постапки во патронажа, за општи и специфични интервенции, како и правилникот за патронажа. Со овие активности според Министерството за здравство со ставање фокус на примарната здравствена заштита e еден од приоритетите остварување на целите за оддржлив развој на Обединетите нации.