Здравствениот систем во Србија е под голем притисок од петтиот бран на коронавирусот со повеќе од 6.700 пациенти во ковид-центрите, а понеделникот го одбележа веста дека четири деца се на респиратор, додека лекарите предупредуваат дека меѓу пациентите доминираат невакцинираните.
Седумгодишно девојче, заразено со коронавирус, било поврзано на респиратор во Институтот за мајка и дете „Др. Вукан Чупиќ“, а таа е четвртото дете кое боледува од ковид-19 на интензивна нега во таа установа. Минатата недела од оваа установа информираа дека имаат три деца кои се поврзани на респиратор, а едното дете има 17 години, другото 15 години, а најмладиот е петмесечно бебе.
Според денешниот епидемиолошки пресек, како последица на инфекцијата починале уште 62 пациенти, од 19.718 тестирани примероци, 5.908 биле позитивни, а 6.721 пациент се лекувани на одделенијата за ковид во болниците низ Србија, од кои 274 биле на респиратор.
Лекарите укажуваат на зголемениот товар на здравствениот систем и статистиката која покажува дека околу 90 отсто од пациентите кои не се вакцинирани доаѓаат во болница, додека повеќе од 80 отсто од нив мора да бидат приклучени на респиратори.
Експертите критикуваат дека примената на ковид пропусниците, која започна во саботата во 22 часот, не може да даде значаен ефект. Комуналната полиција и инспекција најавуваат дека од понеделник вечер ќе почнат да ги казнуваат прекршителите. Невакцинираните гости во угостителските објекти мора да покажат негативен PCR или антигенски тест (BAT), извршен во една од овластените државни лаборатории.
Државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек за РТС изјави дека ќе чека „една недела до 10 дена“, а доколку нема ефект од ковид пропусниците, од Кризниот штаб ќе се побараат „поригорозни и многу поефикасни мерки“.