Жителите на Трнодол најавуваат протести ако Општина Карпош не го повлече детално урбанистичкиот план кој, како што велат, може да предизвика лизгање на големи земјани маси поради градење во заштитно зеленило под брдото, кој го загрозува сообраќајот и кој отвора можност за градежна инвазија и градење на населба која навлегува во заштитното подрачје на Парк-шумата Водно.
Жителите на оваа скопска населба најавуваат тужби против општината и градоначалникот Стефан Богоев. Тие велат дека општината ја закажала јавната седница за утре во 15 и 30 часот и бараат наместо тогаш да се одржи по 17 часот кога би можеле да присуствуваат повеќе жители, со оглед на тоа што на повеќето работното време им е до 16 или 17 часот.
„Веќе е поднесена преставка пред уставниот суд за преиспитување на носење на новиот регулациски план донесен во јуни 2018 година од страна на Град Скопје и каде на чуден начин е поделена населбата и споена со т.н. Шпанско село, а сè со цел да може да се издејствува помала густина на населението. На тој начин ќе може да се вцртуваат нови градби, без ограничувања и без да се запазат законските нормативи за сообраќај и живеење. Целата постапка е контравезна уште од самиот почеток кога во сред лето беше распишана јавна презентација со непрофесионално изработениот предлог ДУП, а сега пред нова година пред славата свети Никола се брза да се донесе ДУП , кој може да предизвика лизгање на големи земјани маси поради градење во заштитно зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави. Истовремено се загрозува и сообраќајната безбедност на улица Козле и Трнодол, како и отварање на можност за градежна инвазија и градење на населба, која навлегува во заштитното подрачје на Парк шумата Водно, а која ќе се протега над контравезното Шпанско село и над населбите Трнодол, Жданец и Козле , а до која е планирано да се пристигнува преку планираната јужна обиколница и сервисниот пат кои треба да поминува низ самата населбата Трнодол по несоодветни и тесни улици“, велат жителите.
Со еден збор, додаваат тие, се планира нова населба која би била копија на онаа околу бившиот хотел „Панорама“ а која повеќе би наликувала на Дебар Маало отколку на Парк- шума како што засега се именува.
Според нив, спорен детал се и маркиците за градба кои се директно позиционирани врз каналот што ги собира водите од планината, а планираните петкатници ќе го загрозат слободниот проток на води во случај на големи дождови и дополнително ќе го поткопаат брдото.
„Затоа од градоначалникот се бара да биде совесен и разумен и да го повлече предолжениот ДУП и согласно позитивните законски прописи за безбедно станување да предложи до советот на општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје како што се брдата под Трнодол и Жданец. За оваа опасност постои истражување од 2010 година нарачано од Општината и уште едно испитување кое реализирано од германската амбасада. Резултатите од тие испитување се дека населбата Трнодол лежи на потенцијално нестабилна почва. Затоа задача на Општината е да го заштити брдото со пошумување, зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водите во каналите и заштити од ерозија со ново пошумување бидејќи во овој потег има преку 120 исушени дрвја, како и да да преиспитаат сомнителните потпорни зидови под брдото позади двете веќе изградени згради на улица Козле“, велат жителите.
Спротивно од ветувањата пред минатите избори, велат тие, дека ќе се смени начинот на узурпирање на јавниот простор и заштита на Парк шумата Водно, градоначалниците продолжуваат со неразумно служење на градежните профитери.