Кога станува збор за најмалите членови на фамилијата, понекогаш е тешко да се постави правилен и навремен распоред за спиење кој ќе одговара за сите по дома, а ќе биде во согласност со обврските и плановите за утрешниот ден, без разлика дали се работи за работни обврски или забавни активности посветени на семејството.

Затоа многу е важно да се воспостави одредена рутина на легнување и станување кон која ќе се придржуваат сите членови на семејството, особено најмалите. Во продолжение споделуваме неколку совети како полесно да го заспиеме малечкото, а да не биде предоцна или прерано.

Децата на возраст од две до четири години обично спијат 11 – 12 часа ноќе, при што преку ден преспиваат еден до три часа. Но, децата како да „се програмирани“ тешко да заспиваат кога се преуморни. Советот тука, според познавачите, гласи – придржувајте се кон шемата на малечкото, секогаш кога е можно (секако, ќе има исклучоци) и заспијте го во „неговото“ вообичаено време.

Заспивање навреме: Додека се пробуваат нови техники за детето да остане будно додека треба – не предоцна, но и не прерано, се работи на рутината пред спиење, до колку што е разумно… „Дали сакаш уште една чаша вода?“ – Дајте му. „Дали сакаш други пижами?“ Па мало, но разумно одолговлекување… „Сакаш да му кажеме ‘добра ноќ’ на мачето?“ – Готово. Дозволете му / ѝ уште една желба – на пр, ако сака уште една страница од детската книга – нека ја слушне, но родителот тука веќе треба да нагласи дека тоа ќе биде последно нешто пред спиење.

Кошмари: Сосема е нормално малите на посочената возраст да имаат страв од спиење. Сите, веројатно, еден дел од детството се плашеле од „чудовишето под креветот“ или „во плакарот“. Фантазијата е главно, корисно нешто, па гледајте на тоа како нешто позитивно и нормално. Познавачите велат, охрабрете го детето да зборува за своите стравови, за да се открие што ќе го смири – ноќно светло или брза проверка под креветот. Иако сѐ тоа е по малку страшно во мигот, со доволно прегратки и смирувачки зборови, малечкото наскоро ќе заборави на „чудовиштата“.

Поголем кревет: Родителите треба да знаат дека оваа возраст – две до четири години, е вистинското време за замена на креветчето со нормално голем кревет. А, при оваа промена, може да биде потребно и мало охрабрување во облик на пофалби дека детето „сега е голем /-а“ и слично. Со цел тоа да го почувствува новиот креветот како веќе негов / нејзин, дозволете му / ѝ да си ги избере постелнината, боите, обликот, текстурата.

Не заборавајте најмалите секогаш ќе ја имаат потребата да се чувствуваат сигурни и безбедни со прегратките на родителите и приказните за лека ноќ.