По празниците, многумина одлучуваат да стават крај на бракот, па адвокатите јануари го нарекуваат „месец на разводи“.

Во адвокатските кругови, јануари има репутација како „месец на разводи“ затоа што многу парови чекаат да поминат празниците за да стават точка на бракот.

Адвокатот Лора Васер која ги застапуваше Анџелина Џоли, Џони Деп и Ештон Качер, вели дека јануари заслужено има репутација за месец на разводи.

„Точно е дека во првиот месец од годината, особено во првата половина на месецот луѓето најмногу поднесуваат барања за развод“, вели адвокатката.

Вистина, и според аналитиката на Google, пребарувањето на зборот развод е во пораст од 6 до 12 јануари, а студијата од 2016 година која е спроведена во Вашингтон утврди дека бројот на разводи се зголемува во јануари за разлика од декември.

Адвокатката смета дека стресот кој е зголемен во сезоната на празници како и поминувањето време со семејството можат да му наштетат на бракот.

– Откако ќе поминат празниците, многу луѓе помислуваат: „не сакам веќе никогаш да ги поминам празниците со оваа личност“, вели адвокатката.

Освен тоа, таа верува дека желбата на луѓето да внесат промени во животот ги поттикнува луѓето да се разведат уште на почетокот на годината.

Исто така, многу парови размислуваат за развод определен период, но не сакаат за празниците да останат сами, ниту да им ги упропастат празниците на децата со реченицата „мама и тато се разведуваат“, па затоа чекаат додека да поминат празниците.

За оние коишто размислуваат да се разведат, Васер има неколку совети затоа што разводот е тежок, но не мора да биде пеколен.

Имено, таа ве советува да бидете фини кон вашиот партнер, особено доколку имате деца затоа што со партнерот ќе мора да останете во контакт до крајот на животот.

„Потрудете се да потрошите колку е можно помалку пари, како и да го сочувате менталното здравје“, порачува адвокатката.

Исто така, ве советуваат да се информирате пред разводот за да процесот биде што помалку болен.