Дали често или само повремено се будите со отечено лице? Отеченоста најчесто се гледа под очите, но може да се појави и околу усните или на друго место. Кога треба да се загрижите?
Утринската отеченост на лицето обично не е медицински проблем, но ако се јави одненадеж, ако е болна и прилично голема и не поминува и освен тоа, ако имате и проблеми со дишењето или пак е проследена со црвенило, треска или чувствителност, веднаш побарајте лекарска помош.
Задржување вода
Главна причина за утринската отеченост на лицето, најчесто под очите, е задржувањето на вода, а за тоа постојат многу причини – начинот на кој лежите во кревет, заради што водата се собира под очите, заради жештината, влажноста во воздухот или изгореници.
Уште една причина може да биде премногу натриум во исхраната. Причина може да биде и оралната контрацепција, лековите за регулирање на притисокот, аспиринот, пеницилинот, кортикостероидите и нестероидните противвоспалителни лекови.
Исто така, и хормоналните промени можат да предизвикаат задржување на вода во телото. Тие можат да бидат поврзани со менструалниот циклус, менопаузата или бременоста.
И недостигот од некои хранливи материи, особено на витамини од групата Б и протеини, може да доведе до едем, односно, до ненормално собирање на течност.
Хроничното и претерано собирање на вода може да укажува на здравствени проблеми поврзани со лоша работа на штитната жлезда, црниот дроб, бубрезите или срцето.
Алергиски реакции
Отеченоста на лицето може да биде резултат на алергиска реакција. Можеби сте изеле нешто пред спиење или сте вдишале полен. Можеби во текот на ноќта ве каснал некој инсект (пајак, пчела…).
Други можни причини
Синуситис или сериозен конјуктивитис, воспаление или инфекција на мембраната околу очите можат да бидат причина за утринска отеченост околу очите.
Ако неодамна сте имале повреда или хируршки зафат било каде на лицето, отоците можат да бидат поврзани со тоа.
Отеченоста може да биде и последица од скриена инфекција, на пример, ако е околу усните можеби е причината апсцес на забите.