Антикорупциска ќе ги прегледа жалбите откако ќе види дали и стигнале, а министерството за здравство дели лекции каде може оние што не се примени на работа да се жалат – ова се реакциите од надлежните институции кои мора да го испитаат и санкционираат, скандалот со партиските вработувања во здравствениот дом во Св. Николе. Како што пред два дена во оваа здравствена установа на објавениот конкурс се примени второ, трето и четврто рангираните, односно оние кои според изворите на информацијата биле партиски најзаслужни.
-Во Законот стои дека секој кандидат кој е незадоволен од изборот, има право на жалба до второстепената Комисијата која одлучува за правата од работен однос. По одлуката на второстепената комисија, кандидатот има право на судска заштита, ова е единствената реакција од министерството. Нема засегнатост да се преземе нешто, ниту пак да се испита случајот, туку само патоказ каде да ја бараат правдата тие што се незадоволни.
А оштетените веќе се обратиле и до второстепената комисија, но и до министерството, дека наместо квалитетни медицински сестри, акушерки, лаборанти, се избирал кадар што не е врвен. Одбиените реагираат дека директорката на здравствениот дом во предвид не ги зела бодовите од просек, странски јазици и стручен испит, туку партиските активности.
Инаку, според антикорупциска, најмногу непотизам има во здравството бидејќи директорите имаат дискреционо право да одберат кој од кандидатите ќе го вработат.