34-годишната Сања Ѓоревски од Струга веќе осум години бара работа како лекар и никаде не ја примаат. Од 2011 година до сега се пријавувала за работа на сите конкурси ( вкупно осум во Струга и Охрид), но секаде била одбиена без никакво образложение.

„Досега работа барав на 8 конкурси, од кои 3 во Општата болница во Струга, 1 во Заводот за нефрологија, 2 конкурси во Општата болница во Охрид и 2 во Здравствен дом во Струга. Секаде сум одбиена без никакво образложение, само ја добивав Одлуката со одбиените кандидати и толку“, изјави Сања Ѓоревски, лекарка која дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје.

Сања е една од одбиените кандидати на последниот конкурс во Општата болница во Струга, заедно со уште еден нејзин колега со кого работат во истата болница по Договор на дело од минатата година. На огласот беа примени 10 лекари, од кои седум што работеле по Договор на дело како неа и тројца штотуку дипломирани кои волонтирале во болницата во последните 3-4 месеци.

„Иако бев на првите места на ранг листите никогаш не бев избрана. Така е и на последниот оглас во болницата во Струга од 11.07.2019 год. Од вкупно 10 избрани доктори, иако бев осма на ранг листата и овој пат не бев избрана, а работам со Договор на дело во истата болница. Наместо да се изберат првите 10 кандидати од ранг листата избран е дури последниот кандидат , 23 -тиот по ред на листата“, вели оваа лекарка.

Сања вели дека во изборот на кандидати не одлучува директорот ниту посебна комисија, туку локалните партиски моќници. Револтирана е на тоа како се делат местата, а за себе вели дека не е член на ниту една партија и заради тоа не може ад се вработи.

Во Министертвото за здравство молчат за случајот со невработената лекарка, а не го коментираат ниту конкурсот во струшката болница.

Во државата во моментот недостасуваат околу 700- 800 лекари специјалисти од разни области и има потреба од многу млади лекари, но вработувањата и понатаму остануваат проблем.

Бранот на масовен одлив на лекари во приватните болници, а потоа и во странство започна во 2010 година и во последните 2-3 години доживеа кулминација.

Иако во Министерството за здравство најавија стимулативни мерки, видно разочарани младите лекари немаат интерес да останат во државата. Причина се ниските плати, лошиот  третман од државата и условите за работа, работа со Договор на дело без платени придонеси, како и партиските вработувања.