Здружението за одржлив развој, СФЕРА Македонија, направи донација од 9 нови врати, за паралелките со посебни потреби во О.У. „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола.

„Тој проект има една цел за соединување и здружување на сите млади деца од маргинализираните групи, деца со посебни потреби и деца од мигранти кои што ги имаме низ сите држави од ЕУ и плус државите Македонија и Турција кои што се надвор од ЕУ. Денес во О.У. „Ѓорѓи Сугарев“ донираме девет врати за паралелките со посебни потреби, каде што ќе можат да ги користат во секојдневна употреба. Ова е прв дел од проектот, а потоа следува едукација и интеграција во мултиетничките заедници кои што ги имаме во нашиот град“, рече Милчо Дули, претседател на здружението.

Наставата во ова училиште ја следат 611 ученици во редовните паралелки и 40 ученици во посебните паралелки, а додека наставата во посебните паралелки ја изведуваат 11 дефектолози и еден логопед.

„Со цел изведување на квалитетна настава потребно е да се овозможи здрава и безбедна средина каде што ќе престојуваат учениците и каде што ќе учат. Од тие причини ние покрај соработката со Министерството за образование, бирото за развој на науки и локалната самоуправа градиме соработка со граѓанските здруженија. Голема благодарност до СФЕРА која што ни ги донира овие врати“, рече Валентина Стојкоска, директор на О.У. „Ѓорѓи Сугарев“.

Донацијата е дел од проектот „Граѓаните се обединети“, од програмата Европско граѓанство, добиен од Европската Унија.