Со транспаренти на кои пишуваше „ Ѓорче- скопски Чернобил“, „ Сакаме воздух“ и „ Каде ќе ви оди душата“, жители на општина Ѓорче Петров половина час ја блокираа улицата „ Лука Геров“, во знак на протест поради аерозагувањето од околните диви депонии. Иако на локалната власт пред една седмица и доставиле барање да престане фрлањето отпад на депонијата во Ново Село и таа да се исчисти, до сега ништо не е превземено, се пожалија жители од населбата Даме Груев.

  • Во изминатиот период енормно е загадувањето на воздухот. Состојбата е алармантна. Жителите на „ Ѓорче Петров“ секојдневно се гушат и бараме од надлежните институции под итно да превземат мерки.
  • Не можеш да излезеш да го прошеташ детето, не можеш да излезеш да прошеташ било кого. Навечер е најопасното време од денот. Кога се стемнува тогаш излегуваат чадовите, миризбите и нешто друго.

На овој втор протест на жителите од „ Ѓорче“, дојдоа и од населбата Хром и реагираа на загадениот воздух кој според нив доаѓа од депонијата кај селото Крушопек.

  • Освен депонијата во Ново Село, жариште на овој проблем е и она што се случува во Општина Сарај, односно во Крушопек, вендаш преку Вардар. Знаеме дека и таму се пали некој отпад. Тој е најблиску до населбата Хром и сакаме да знаеме зошто до сега не се превземени мерки, дали некој ја опструира таа реакција од страна на нашата општина и до кога ќе се давиме сите?

Од Општина Ѓорче Петров велат дека кога дошла, актуелната власт, затекнала депонија која била хаотично регулирана. Дека е затекнат договор за вршење концесија за собирање и транспорт на комунален отпад со приватник, кој го склучил со претходната локална власт и кој важи уште 6 години. Но, уште 5000 домакинства немаат договори за одлагање на сметот и треба да го сторат тоа за да нема санкции, а од Ново Село до Никиштани , надлежноста за одржување на хигиената не е на ЈП„ Коминална хигиена“, додаваат од таму.