Вкупно 854 случаи на заболени со коронавирус се регистрирани во Македонија. Во текот на вчерашниот ден потврдени беа нови 26 случаи во седум градови од кои најголем број во Куманово (11), Скопје (4) и Тетово (4). Следуваат Прилеп – 3, Велес – 2, Кочани -1 и Пробиштип -1. Согласно досегашните бројки, во Македонија од коронавирусот починати се 38 лица, а оздравени 44.

Најголем дел од регистрираните нови случаи, по 8, се на возраст од 50 – 59 години и над 60 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 13 женски и 13 машки лица. Хоспитализирани се 7 лица, а останатите се на домашно лекување. Кај 11 лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат дополнителни 3 лица кои биле на домашно лекување.

Коронавирусот е регистрирани во 19 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје и Куманово, додека највисок леталитет (со исклучок на странскиот државјанин од Кавадарци) се регистрира во Струга и Тетово.

Според полово, од вкупниот број заболени лица, регистрирани се 399 машки и 455 женски лица.

Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години. Најголем број на заболени се на возраст од 50-59 години – 184, каде е регистрирана и највисока специфична инциденца – 66,2/100.000. Кај лица над 60 години регистрирани се 179 случаи со инциденца од 46,7/100.000. Најниска инциденца од 13,5 и 14,4 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 31 и 36 случаи соодветно.

Според информациите од Институтот за јавно здравје кај 261 од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Кај останатите пријавени се најчести симптоми на температура (63,9%), кашлица (57,8%), слабост (34,2%), треска (18,9%), болка во грло (15,3%), отежнато дишење (15,0%) и главоболка (12,3%).

Регистрирани се 121 случаи на заболување меѓу здравствени работници. Од 15.02.2020 до 10.04.2020 извршени се вкупно 8.552 тестирања.