Власта уште еднаш се обиде да ги поткупи вработените во прилепски „Еурокомпозит“, но не успеа. Тие веќе два дена кампуваат пред Владата – велат дека празните ветувања повеќе нема да поминат.

Го отфрлија последниот план според кој компанијата требаше да позајми 100 илјади евра од државните ЕЛЕМ и МЕПСО. Од синдикатот се цврсти на ставот дека овој пат ќе останат тука додека трајно не се реши нивниот статус и компанијата нормално не почне да работи.

Работниците кои се сместија пред Владата, нервозни велат дека овој пат нема да прифатат лажни ветувања и исплаќање на една плата за да биде прекинат протестот.

Од Владата немаат конкретно и трајно решение. Бараат работниците да бидат трпеливи.

Ова е втор собир на вработените во Скопје годинава. Во март Владата вети дека 100 вработени веднаш ќе заминат како технолошки вишок и дека за три месеци фирмата ќе се продаде а за останатите ќе има и работа и плата. Но, од Нова Година досега работниците имаат земено само по околу 20 илјади денари паушално и линеарно.

Вработените во „Еурокомпозит“ остануваат тука и ќе штрајкуваат поради, како што велат, лажните ветувања од власта и доцнењето со исплата на изминатите 20-ина плати.